Османи: Мислам дека можеме да ја анулираме негативата од два гола

251

Утре во Охрид, македонскиот првак Струга ТЛ ќе ја пречека екипата на Слован Братислава во реванш меч од 1. Коло во квалификациите од Лигата на шампионите.

Во пресрет на оваа средба денеска се одржа и официјалниот тренинг, а потоа и прес-конференцијата на која зборуваше тренерот Ќатип Османи.

„Во текот на неделата ги анализиравме нашите грешки што ги направивме на првиот натпревар против Слован Братислава. Токму на овонеделниот тренинг работевме да не се повтори истото на утрешниот натпревар. Нашиот заклучок како стручен штаб беше дека имавме периоди каде што бевме доминантни, но имаше и периоди каде што не бевме на ниво, особено на крајот од натпреварот, кога резултатот беше скршен” – изјави Османи.

Сепак стружани и натаму се оптимисти.

„Разговарав и со играчите во кои видов позитивна енергија. И покрај двата гола минус што ги имаме, веруваме дека не се несовладливи. Мислам дека може да се постигне разлика од два гола. Сите во клубот се оптимисти, па утре очекуваме да го дадеме максимумот и да го оствариме тој позитивен резултат. Кога велам позитивно, мислам на резултатот што би ни овозможил да ја поминеме оваа рунда“ – заврши тренерот Ќатип Османи.

ПретходноТрапановски со гол и две асистенции во дресот на Данди Ј., деби на Бабунски (ВИДЕО)
Следно“Новак, заедно со Џордан, е најголемиот спортист во историјата“!