Македонките одбојкарски шампиони во машка и во женска конкуренција, Струмица и Работнички, денеска ги добија противниците во првите кола од квалификацискиот дел во ЦЕВ Лигата на шампионите.
Струмица во свето трето последователно учество во најсилното европско клупско натпреварување за противник доби исклучително силен ривал. Станува збор за шампионот на Грција, екипата на Олимпијакос, која низ квалификациите сигурно ќе се обиде да обезбеди место и во групната фаза на натпреварувањето.
Струмица, според ждрепката, ќе биде домаќин на првиот меч во периодот од 17 до 19 септември, додека реваншот ќе се одигра на гостински терен во периодот од 24 до 26 септември. Според правилата на ЦЕВ, во случај на елиминација, струмичани ќе можат да продолжат во квалификацискиот дел во ЦЕВ Купот.
Во женска конкуренција, шампионот Работнички повторно оди во Романија. Минатата сезона Работнички во Челинџ Купот за противник го доби романски Лугој, а сега уште едне исклучително тежок ривал, екипата на Волунтари.
Првата средба ќе се одигра во Скопје од 1 до 3 октомври, додека реваншот ќе биде на гостински терен во Романија од 8 до 10 октомври. И Работнички доколку не успее да ја мине првата рунда ќе добие шанса да продолжи во ЦЕВ Купот.