Деспотовски: Со настапот во ЛШ пишуваме историја, против Волунтари ќе бидеме крајно мотивирани

859
facebook

Одбојкарките на Работнички на ждрепката за премиерното коло во квалификациите од Лигата на шампионите за противник го добија романскиот шампион Волунтари. Уште еден силен ривал за составот од „Градски Парк“ кој трета година во низа се обидува да собира искуство од настапите на меѓународната сцена, овој пат за првпат во најсилното европско натпреварување.

„Веќе трета сезона по ред го продолжуваме трендот на излегување на европска одбојкарска сцена. Огромна чест и задоволство е да се биде дел од најелитното одбојкарско натпреварување во Европа, Лигата на Шампионите, потег за поздравување на управата на клубот и секако на спонзорот, кој носи огромен предизвик за нас како клуб, играчите и целокупниот стручен штаб, а воедно и афирмација и унапредување на женската одбојка во Македонија. Работнички според моите информации, нека не ми замерат повозрасните одбојкарски работници ако тоа не е така, е прва екипа од осамостојувањето на Македонија која зема учество во Лигата на Шампионите, факт кој носи дополнителна мотивација и задоволство“, вели тренерот на Работнички, Душко Деспотовски.

За квалитетот на противникот и очекувањата, Деспотовски дециден:

„Според ранкингот на македонската женска одбојка во ЦЕВ, и можните наши противници пред ждрепката практично и не постоеше условно кажано лесен противник. Екипата на Волунтари е шампионот на Романија, доаѓа од земја со исклучително квалитетна и израмнета лига, каде настапуваат многу квалитетни домашни и странски играчи. Првите 6 екипи во лигата се екстра квалитетни и располагаат со огромни буџети. Според информациите што ги имам во моментов, ростерот на екипата се уште не е комплетиран, дел од играчите од таа шампионска екипа се заминати, потпишани се нови засилувања, но конечна слика ќе имаме кон крајот на летото и завршувањето на трансфер периодот. На нас останува максимално да се подготвиме, максимално да го искористиме подготвителниот период од почетокот на август до првиот натпревар, а тоа е почетокот на октомври, да дадеме се од себе и крајно мотивирани и со силна желба и верба да се обидеме да дојдеме до позитивен резултат. Барем во спортот “чуда” се случуваат, но доколку не верувате во себе, своите можности и квалитети сето тоа е тешко остварливо. Мотивацијата, вербата и желбата за надигрување е тоа што ќе не води напред, бидејќи влогот е огромен, победникот од овој двомеч продолжува во групната фаза од Лигата на Шампионите, а поразената екипа продолжува во ЦЕВ Купот каде за противник ќе ја има екипата на Алба Блај, минатогодишниот финалист во романскиот шампионат“.

Оваа сезона покрај Работнички, во Лигата на шампионите (но во машка конкуренција) Македонија ќе има уште еден претставник во екипата на Струмица. Струмичани во квалификациите „налетаа“ на грчкиот првак Олимпијакос.

ПретходноЗакариќ и Ќосиќ и официјално ставија потпис на договорите со Вардар
СледноВидеолотарија Касинос Австрија спонзор на МК Ендуро Теам Водно Скопје