Вечерва од 20 часот на Националната Арена “Тодор Проески“ во Скопјке, Шкендија го дочекува тимот на Ноа во рамките на реванш мечот од 1.квалификациско коло во Лигата на Конференции. Тие 0:2 од Ерменија од првиот меч се тежок товар за момците на стратегот Јетон Беќири кој вчера на пресот и самиот искрено изјави дека е многу незгодно да се “брка“ во вториот меч негатива од два разлика.
Сепак не е тоа невозможно. Шкендија во последната деценија редовно игра во Европа, има како клуб и тоа како европско искуство и знае што треба да се стори.
Јасно е дека тетовци на првиот меч беа лоши. Одиграа далеку под своите можности, не дека и Ерменците беа нешто којзнае што, но тие барем покажаа дека се квалитетен состав кој знае да ја казни секоја грешка на противникот.
Шкендија вечерва на Арената од 20 часот па натаму мора да биде паметна, мора да биде сигурна во својата игра, мора да му покаже на Ноа што значи Шкендија и со помош на своите фанови да дојде до победа со разлика која ќе гарантира пласман во следната рунда и двомеч со тимот на Слиема од Малта.
Накусо, Шкендија мора да биде вистинската Шкендија ако сака да оди во следната фаза.