Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Ерик тен Хаг, призна дека имал искрени, но понекогаш и конфронтирачки разговори со претставниците на Инеос кога разговарале за нивната заедничка работа во „црвените ѓаволи“. Сер Џим Ретклиф и неговата хемиска компанија купија малцински удел во 20-кратните шампиони и го презедоа оперативното управување со клубот.
По завршувањето на кампањата и освојувањето на ФА Купот, стана јасно дека ќе биде извршен целосен преглед на перформансите на Холанѓанецот за на крајот да се одлучи дали тој треба да остане на чело на тимот. Последователно, двете страни решија да продолжат да работат заедно, а Холанѓанецот дури и го продолжи договорот до летото 2026 година.
„Не бев во паника и зошто да бидам? Тоа беше одлука која беше надвор од моите раце. Дојдоа кај мене и многу кратко се расправаа: гледавме сè, разгледувавме различни опции и на крајот решивме дека сега го имаме најдобриот можен менаџер за нас. Тогаш јас одговорив дека во оваа ситуација треба да разговараме за работите и да разбереме како ќе работиме заедно и ќе соработуваме. Имавме добар и искрен разговор, во кој имаше и одредени расправии и конфронтации. Но, така треба да биде на највисоко ниво. Го дадов моето мислење за сезоната и целокупната ситуација во клубот. Го посочив патот по кој мислам дека треба да одиме, но исто така им реков: ако мислите дека не е така, тогаш треба само да се разделиме. Среќен сум што на крајот се договоривме со клубот да продолжиме да работиме заедно. Ако погледнам наназад на претходните две сезони, можам да бидам горд на двата трофеи што успеавме да ги освоиме и многуте примери на страст што ги покажавме откако се приклучив. Мора да биде јасно дека имаме многу работа пред нас за да го достигнеме нивото на клуб како Манчестер Јунајтед“, изјави Тен Хаг.