Македонска банда без команда: Од Полска најава за кошаркарска катаклизма!

4870

Марија Ковачева

Македонската кошаркарска репрезентација до 20 години се врати во Б „Дивизија“, во овој момент вистинската средина за оваа генерација, најверојатно и за таа што допрва ќе дојде. Од Полска е испратен аларм број не знам кој. Истиот вели дека нашата земја во кошаркарскиот свет заостанува светлосни години, не се „роди“ генерација која соодветно ќе ја наследи генерацијата од 2006 година која направи исчекор од Б во А дивизија, а потоа полека, но сигурно го завзема своето место на националниот дрес. Од тоа време имаме кошаркари на кои ден-денеска се потпираме во сениорскиот тим. Стравуваме дека ќе дојде денот кога Војдан Стојановски ќе се повлече од репрезентацијата. Колку сме сиромашни со таленти кои навистина знаат да „загризат“ говори и кам-бекот на Дамјан Стојановски во националниот дрес за да ставиме крај на речиси десетгодишниот пост од настап на големите натпреварувања.

Кошаркарите кои дојдоа да ги одмерат силите на ЕП У20 во Полска, и тоа во елитата видоа колку заостануваат зад нивните врсници. Ова се години кои веќе се алармантни, бидејќи дел од нив веќе играат, а дел од нив во иднина ќе го најдат своето место во А репрезентацијата.

На шампионатот во Полска, Македонија запиша шест порази и една победа, против Црна Гора, единствена селекција која е полоша од нашата. Против Шпанија се „тешевме“ дека е Шпанија, но што стана со останатите противници кои го бришеа подот со нашите „надежи“.

Многумина прстот го вперија кон КФМС, кон првиот човек Перо Антиќ, побараа смена. Овој пат критиките делумно се испратени на погрешна адреса. Не е задача на Антиќ да се врати на терените, ниту може на овие години, а уште помалку може да им се меша во политиката на македонските клубови или пак да ги моли оние кои се најдоа на списокот на Боро Смилковски да дојдат и храбро да го облечат дресот на Македонија.

Во овој момент, македонската кошарка и политката на повеќето клубови би ја опишала со еден збор – БАНДА БЕЗ КОМАНДА.

Зошто?

Секое лето е истата приказна, секоја сезона е истата приказна. Нашите клубови се „тепаат“ меѓусебе да ја потполнат бројката со македонски играчи. Им ветуваат брда и планини на младите кошаркари, а потоа ги замрзнуваат на клупа, секако предност имаат треторазредни странци. Добиваат скромна минутажа, а да не зборуваме за условите кои ги нудат, за професионалноста, за немањето стратегија, за неизаинтересираноста да се вложува во македонската иднина. Ако за време на сезоната сето ова добро е покриено, за време на деновите резервирани за настап во националниот дрес – реалноста ни се удира од глава.

Згора на се, кај дел од оваа генерација заостанува дисциплината, низ годините дел поради својата уникатност, да ми прости хартијата, но и вие сте распрдени и умислени. Наместо да дигаа на раце на секоја судиска одлука, ќе беше подобро да се запрашаат како тие делуваат на теренот и дали навистина македонскиот синдром на судијата е крив, треба да се спроведе и на европско тло, каде се игра кошарка, а помалку се зборува и се коментира.

Отсуството на кошаркари од некој си калибар им дава право да се однесуваат како „богови“ ама надвор од теренот, бидејќи во него личат на една бледа слика.

Да се надеваме дека по ова Европско првенство ќе седнат, ќе се погледнат во огледало и ќе си признаат дека нивниот воз одамна заминал, за да се стане врвен спортист треба многу повеќе од само поседување на еден талент од мозаикот.

Ниту овој селектор, ниту пак тој што ќе дојде не може да ги научи преку ноќ кошарка, тоа е обврска на клубовите и на самите кошаркари. Како се станува врвен спортист, тоа треба да ги прашаат имињата на Пеце Наумоски, Перо Антиќ, Владо Илиевски…потоа браќата Војдан и Дамјан Стојановски, а во поново време Ненад Димитријевиќ…

Ретки се имињата кои ни даваат мала искра надеж, но и тие се граделе како спортисти надвор – мајката му е само тоа. Што подалеку од Македонија, тоа подобро.

Може ли да се поправи?

Има начини, треба менување на стратегијата од корен. Клубовите заедно со федерацијата еднаш за секогаш да почнат да функционираат како едно – а не секој да гледа во туѓиот двор и да се фаќа сеир.

Доколку кошарката не почне да се менува од корен, секој година ќе биде полошо, а секој наш текст ќе биде – си беше еднаш во Македонија.

ПретходноЛК:Струга ТЛ ако го мине Пјуник во следната фаза ќе игра со подобриот од двомечот Диферданж – Ордабаси!
СледноПознати се групите на турнирот “Крсте Андоновски“!