Нашата женска кошаркарска репрезентација до 18 години во наредните два дена ќе ги одигра првите контролни средби во подготвителниот период. Кошаркарките заминаа за Босна и Херцеговина каде во наредните два дена ќе ги имаат и првите проверки на сработеното во подготвителниот период.
Селекторот Горан Крстевски ќе ја има вистинската слика за моменталните можности на кошаркарките кои ги одбра да бидат дел од акцијата наречена настап на ЕП од Дивизијата „Б“ која од 2 до 11 август ќе се одржи во романскиот град Плоешти.
„Зад нас се дваесет дена работа со обем од околу триесетина тренинзи. Почнавме со 20 девојки, а после првата седмица имавме дополнителна селекција и останавме на бројка од 16 кошаркарки. Уште на стартот на подготовките имавме вирусна инфекција кај неколку играчи кои ја пропуштија втората седмица од подготовките. Морма да напоменам дека тука ја изгубивме Начевска, можеби нашиот најдобар играч, која продолжи со лекувањето и нема да учествува на Европското првенство во Романија. Продолжуваме понатаму, патуваме во Бужим, каде што ќе имаме двомеч со репрезентацијата на Босна и Херцеговина“ – појаснува предводникот на оваа наша национална селекција.
За двата контролни натпревари кои оваа наша селекција ќе ги игра во наредните два дена (на 23 и на 24 јули) селекторот Крстевски смета на следниве кошаркарки: Ангеловска, М.Николиќ, Стојковска, Димковска, Б.Николиќ, Џангаровска, Алексова, Мариновска, Пислевска, Трајковска, Колева, Сарафилоска, Милосављевиќ и Мицева .