Откако минатата година се шпекулираше за можно повлекување на Цибона од АБА лигата, тогаш ситуацијата беше делумно стабилизирана, но во очекување на новата сезона, проблемите во хрватскиот кошаркарски гигант повторно излегоа на виделина. Според информацијата на хрватскиот новинар Томислав Хорват, проблемот во Цибона не е целосно решен и годинешното учество на загрепчани во регионалното натпреварување, повторно е доведено во прашање.
На следната седница на АБА лигата ќе се разговара за целата ситуација околу Цибона, а доколку нешто не биде решено, АБА веќе има подготвена потенцијална замена.
Наводно, слободното место би можел да го заземе нашиот првак МЗТ Скопје, со што би се комплетирал составот на проширениот шампионат, кој по влезот на Дубаи и Спартак ќе брои шеснаесет клубови.