Македонскиот тенисер Горазд Србљак успешно ги мина квалификациите на турнирот во Куршумлијска Бања. Тој со три победи избори пласман на „главниот турнир“ и во првото коло утре ќе игра против седмиот носител Андреј Недиќ од Босна и Херцеговина (19 години, 726.место АТП). Досега имаат одиграно еден меч лани во Дубровник, кој во три сета со 2-1 го доби Недиќ.
Во првото квалификациско коло Србљак, кој беше рангиран како трет носител во квалификациите на убедлив начин сос само еден загубен гем го совлада Шпанецот Николас Рафаел Голдберг Алвиани со 2-0 во сетови (6-1, 6-0), додека во второто коло исто со 2-0 во сетови (6-2, 6-4) го победи Александар Худјец од Србија.
По голема борба денеска и во финалето од квалификациите (трето коло) забележа победа. Тој беше подобар од Новак Новаковиќ од Србија со 2-0 во сетови (7-6(0) 7-5). Подобрата реализација на брејк шансите на Србљак му ја донесе победата: Србљак 5/6 (71%); Новаковиќ 4/6 (67%). Во првиот сет Србљак поведе со 1:0, но противникот потоа водеше со 3:1 и постојано имаше предност, иако Србљак изедначи на 3:3 во гемови. Сепак во тај брекот (13.игра) Србљак беше подобро подготвен и со 7:0 на поени го доби првиот сет.
И во вториот сет Новаковиќ водеше со 3:1 во гемови, а Србљак иако изедначи постојано беше во негатива, се до моментот кога во 11.гем направи брејк за водство од 6:5 и сетот потоа го заврши со 7:5. Мечот траше 106 минути.