Двајца Македонци ги подготвуваа олимпијците на најбројната светска нација

731

Во француската престолнина Париз, ќе стартуваат 33-тите Летни олимписки игри, на кои свое учество ќе земат вкупно 10.500 учесници од 206 земји. Меѓу нив и Македонија, очекувано ќе биде присутна со скромна делегација од шестмина спортисти. Имајќи предвид потенцијалот, условите во кои работат македонските олимпијци и својствено на тоа и очекувањата на јавноста, истата многу малку знае за тоа кој и во која дисциплина ќе ја претставува Македонија на ОИ, кои од 26 Јули до 11 август треба да се одржат во Париз (Франција).

Секако, уште помалку се знае за луѓето кои работат „зад сцената“, со нашите олимпијци, но и за луѓето кои со својот квалитет, образование, надградба и професионалност се нашле во ситуација да работат, и својот леб да го заработат, во најголемите спортски нации на светот, со спортисти од кои се очекува да жнеат одличја на претстојните ОИ.

Една од најбројните делегации на Игрите во Париз со 716 членови на делегација (од кои 405 спортисти), традиционално е онаа од НР Кина, најнаселената држава во светот. Секоја година, оваа голема азиска држава, во процесот на подготовки на нејзините спортисти, користи ресурси во однос на тренери, физиотерапевти, тренери за физичка подготовка итн., преку вклучување на истите во матичните федерации, со цел стекнување на знаење и проширување на видиците во однос на Европа и Северна Америка.

Драгана Тодорова и Никола Трајковски, двајцата дипломирани физиотерапевти и луѓе со огромно искуство во работата со врвни спортисти или клубови во нашата земја, од почетокот на годината професионално се ангажирани од страна на боречката федерација на Кина, со тоа што Драгана е ангажирана во сегментот на Женски олимписки  тим во слободно борење, додека Никола работи со двата машки олимписки тима во Слободно борење и Грчко-Римски (класично) борење.

„Во комуникација со мој пријател кој е кондиционен тренер во Шангај имав и претходно понуди за работа во Шангај, но не беа доволно добри за да ја напуштам работата и тимот во Скопје. Кога пристигна понудата да работам во Кина за нивниот Олимписки комитет, без размислување прифатив бидејќи, да работиш како терапевт во Олимписки тим за друга држава е нешто што не го добиваш секој ден. При комуникација со тамошната федерација се отвори уште една позиција за терапевт во Женскиот тим па ја исконтактиравме Драгана со која имав соработка и во Скопје“, вели Никола.

На тоа се надоврзува неговата колешка Драгана, која објаснува за условите за работа кои ги пречекале во Кина:

„Условите се беспрекорни. Самата федерација се стреми кон совршенство. Опременоста на спортските сали и фитнес центри е на високо ниво. Стационирани сме во Олимписката база во Пекинг, меѓутоа тимот често менува локации на тренирање поради временските услови.

На пример, во најладната зима во Пекинг, кога надвор е -20 С, нас не преселија два месеци на остров на Хаинан на тропска клима од +25 С. Летово кога во Пекинг температури стигнаа до +40 С степени , тимот го преселија 2 месеци во Чинквандао , покрај море каде што температурата беше не повисока од 30 степени. Се обрнува внимание на квалитетот на храната и користење суплементи, особено имајќи предвид дека се работи за спортисти кои се подложни константно на допинг контроли“, вели Драгана.

Покрај професионалните предизвици, со кои се соочуваат Никола и Драгана, секако дека за нив предизвик е и прифаќањето на навиките на луѓето во оваа далечна и древна источна култура, воодушевувајќи се на дисциплината која владее и својствено на тоа и напредокот кој го има Кина на сите полиња. Најчесто поставувани прашања, од страна на блиските пријатели и роднини, се во однос на исхраната и како се снаоѓаат, на што и двајцата одговараат дека немаат никаков проблем со истата, бидејќи е разнолика, без конзерванси и високо протеинска.

На прашањето дали пробале лилјаци или змии, категорично даваат негативен одговор..

Драгана и Никола ќе останат во Кина до стартот на ОИ во Париз, кога и им завршува договорот, со можност за продолжување на истиот до следните ОИ во 2028 година.

Ќе навиваат за македонските претставници, но и за борачите кои во женска и машка конкуренција ќе ја претставуваат НР Кина.

ПретходноДолгиот „јазик“ може скапо да ги чини: УЕФА покрена дисциплинска против двајца Шпанци
СледноДенеска почнуваат Летните олимписки игри