Денеска на стадионот “Билјанини Извори“ во Охрид од 17 часот, нашиот шампион против Пјуник ќе го одигра првиот меч од 2.квалификациско коло во Лигата на Конференции. По елиминацијата од Слован во квалификациите во Лигата на Шампионите, Струга Трим Лум сега преку Лигата на Конференции посакува да го продолжи своето европско лето, барем како што беше лани кога стигна до плеј-офот, на чекор до групната фаза.
А нема да биде лесно. Пјуник е шампион на Ерменија, кој пак беше елиминиран од Динамо Минск во првото квалификациско коло во Лигата на Шампионите. Сепак Струга ТЛ има квалитет, има искуство и знае што треба да направи за да се помине оваа пречка.Познато е дека ако се мине Пјуник тогаш во третата рунда ривал ќе биде победникот од двомечот меѓу Диферданж (Луксембург) и Ордабаси (Казахастан).
Денеска за Струга ТЛ овој меч ќе биде 13-ти во Европа во својата историја. Досега нашиот шампион има три победи, две ремија и седум порази. Се очекува четвртата победа, се очекува од момците на стратегот Ќатип Османи со победа да патуваат на реваншот во Ерменија кој се игра во вторник во Ереван.
Попладнево во Охрид правдата ќе ја дели судијата Луис Тешеира од Андора, а оние што набавиле влезници за натпреварот ќе можат да го сторат на билетарите пред стадионот пред натпреварот.