Колку вреди олимпиското злато? Некаде стан, некаде 700.000 евра, некаде дијамант, а некаде една крава…

1649

Олимпискиот златен медал е бесценет за секој спортист, но паричната вредност на медалот донесен во земјата која спортистите јапретставуваат ја одредуваат локалните олимписки комитети или владите на секоја земја. Така на пример, во САД, земјата која е кандидат за нова доминација на Игрите според бројот на освоени медали, златото ќе се „плаќа“ 35.000 евра, среброто 21.000 евра, а бронзата 14.000 евра. Овие бројки не се ни оддалеку блиски на дел од останатите земји, кои на своите спортисти им ветија многу поголеми премии.

Шпанија на своите олимписки шампиони ќе им додели по 94.000 евра, сума слична на онаа на грчките спортисти 90.000 евра и на домаќините од Франција 80.000 евра. Има и федерации, особено оние со помали шанси за медал, кои плаќаат многу високи суми за злато: 200 илјади евра во Србија, 186 илјади евра во Мароко, 167 илјади евра во Литванија, 144 илјади евра во Унгарија, 116 илјади евра во Украина, 100 илјади евра во Косово.

Сепак, на врвот на листата меѓу земјите и ветените премии за злато е Хонг Конг. Оваа земја вети премии од нешто помалку од 700.000 евра за златен олимписки медал. Тука некаде ќе биде и Саудиска Арабија, иако тие се уште не ја откриле наградата за спортистите кои ќе освојат медал, но ако се знае дека саудискиот каратист Терег Хамеди за освојувањето на историскиот сребрен медал во Токио доби премија од 1,2 милиони евра, можете да претпоставите колку ќе им вреди историското злато.

Ниту Сингапур сигурно нема да биде на дното, кој издвојува 650.000 евра за злато, 325.000 евра за сребро и 162.000 евра за бронза. Трет е Тајван, кој освен што ќе издвои 550.000 евра за злато, ќе исплаќа и месечна доживотна плата од околу 3700 евра на оние кои ќе успеат да го освојат највредниот медал.

Сепак има и земји и федерации кои доделуваат некои многу посебни и необични награди. Индонезија, на пример, ќе им дава крави на своите медалисти. Австрија, пак, на своите медалисти ќе им подари монети со име на познатиот виенски филхармонски оркестар. Предмет со голема симболика, но и економска вредност, бидејќи се работи за скапи златни монети за првпат издадени во 1989 година.

Машките спортисти од Јужна Кореја, пак, ќе бидат наградени со тоа што ќе бидат ослободени од задолжителниот воен рок. Полска на своите олимписки шампиони ќе им дава дијамант, ваучер за патување за две лица во вредност од околу 23.000 евра, слика насликана од локални уметници и двособен стан во метрополитенската област во Варшава.

Дури и Министерството за култура и спорт на Казахстан понуди станови со различни големини во зависност од освоениот медал: трисобен стан за злато, двособен стан за сребро и еднособен стан за бронза. Малезија за медал ќе доделува автомобили.

ПретходноОдбојкарите заминаа за Колашин, викендов следуваат контроли со Црна Гора
СледноГеоргиевски преговараше со Пелистер, ама потпиша за словенечка Нафта! (ФОТО)