Македонската машка одбојкарска репрезентација денеска замина за Црна Гора, каде во двата дена од викендот треба да одигра две контролни средби со тамошната селекција. Нашите одбојкари поминаа период на базични подготовки во Маврово, па селекторот Хари Наковски сега ќе има можност да направи и први проверки на играчката форма.
Дуелите со Црна Гора ќе се играат во градот Колашин, каде црногорската репрезентација е стационирана подолг период, исто така реализирајќи ја првата фаза од подготовките пред августовските квалификации за ЕП 2026. Еден од двата меча ќе биде од отворен карактер, а еден најверотајно ќе се одигра пред затворени врати за и двајцата селектори да имаат шанса да проверат повеќе детали во играта на своите тимови.
За Македонија овие два меча ќе бидат старт на серија проверки до првите пресметки со Грузија и Грција во квалификациите. Според планот на селекторот, по двата меча со Црна Гора ќе има и две контроли со Швајцарија, а потоа следува и финалната глазура на Меморијалот „Чајка“ каде ќе одиграме уште два меча со Израел и Косово.