Јуниорите денеска во „Кале“ стартуваат против Ирска на Европското првенство „Б“ дивизија

92

Нашата машка кошаркарска репрезентација за играчи до 18 години денеска попладне го започнува настапот на Европското првенство од Дивизијата „Б“ кое се одржува во нашиот главен град.

Македонските јуниори сакаат да го искористат тој „домашен момент“ во обидите да се дојде до резултат, кој може да донесе промоција на евро-шампионатот во Дивизијата „А“.

Селекторот Горан Андреевски пред денешниот стартен меч со Ирска се осврнува во период кој е зад стручниот тим и избраниците кои ќе ги бранат боите на Македонија на ова првенство.

„Успешно завршен период е зад нас. Одигравме пет пријателски натпревари во кои забележавме скор од четири порази една победа. Но тоа не нė обесхрабрува. Игравме три натпревари без Луканоски, а два без Јаничиќ, кој заедно со Стојковиќ, Ќириловски, Младеновски и Димитријев се предводници на оваа селекција. Очекувам да отвориме со победа против Ирска. Имаме информации за противникот и имавме неколку дена да се спремиме за овој премиерен меч во групната фаза. Шанса за влез во четвртфиналето би барале преку победа над Босна и Херцеговина или Украина. Доколку победиме една од овие две репрезентации имаме реални шанси за добар резултат. Доколку не, ќе треба да се бориме за пласман во втората половина на табелата“, вели Андреевски.

Мечот со селекцијата на Ирска е закажан попладнево од 18.30 часот во СРЦ „Кале“.

ПретходноИгрите уште незапочнати, но падна првиот светски рекорд!
СледноФОТО-ВЕСТ: Вака изгледа комплетниот ростер на Вардар за новата сезона