Присуството на најголемиот спортски собир во светот годинава Олимписките игри во Париз 2024 е секако голема чест, но воедно и привилегија, за оние кои добиваат покана да бидат дел од Игрите. Македонија на овој спортски настан има шест спортисти, но има и свои претставници во редовите на судиите. Една од нив е и нашата Анета Павловска, која ќе биде дел од тениските мечеви во Париз.
Павловска веќе неколку години е дел од најголемите тениски турнири во светот, а присутна е и турнирите кои последните години се одржуваат во Македонија.
„Ова за мене ќе бидат уште едни Олимписки игри. Прво бев на Параолимписките игри во Рио 2016, а потоа и во Токио. Токму таму бев дел од судиите што го судеа финалето, односно мечот за златен медал“, изјави Анета.
Павловска и на овие Игри кои ќе се играат на терените на Ролан Гарос ќе биде дел од линските судии, иако на некои од турнирите знаеме да ја видиме и како судија на стол.
„На Ролан Гарос сум „буквално како дома“. Таму сум од 2017 година, а минатата година го судев и финалето меѓу Новак Ѓоковиќ и Каспер Руд. Импресиите да се биде дел од вака голем спортски настан се огромни, бидејќи си го живеам својот сон, а честа е уште поголема особено сега не само што се претставувам лично, туку сум репрезент на градот Битола и државата Македонија на најголемиот спортски настан“, надополни Анета.
Тенискиот турнир на Игрите во Париз ќе се одржува од 27.јули (првиот ден) до 4.август, а ќе се играат мечеви во поединечна конкуренција кај мажите и кај жените, мечеви во двојки кај мажите и кај жените и во мешани двојки.