Париз е светот! Вечерва на бреговите на Сена се отвораат ЛОИ 2024

294

Со свеченото отворање закажано со почеток од 19.30 часот, вечерва и официјално ќе бидат отворени Летните олимписки игри во Париз. За првпат во историјата на Олимпијадата, свеченото отворање нема да се одржи на стадион, туку на брегот на реката Сена. Повеќе од 6.500 спортисти во 85 чамци ќе пловат покрај иконските споменици на Париз, што ќе означи пресвртница и ќе воведе нова ера на Олимписките игри. Настанот ќе ги обедини уметноста, спортот и културата за да создаде незаборавен спектакл, надминувајќи ги невидените логистички и безбедносни предизвици.

Олимписките игри во Париз 2024 година ќе траат 17 дена. Вечерва околу 3.000 танчери, музичари и актери ќе ги трансформираат бреговите на Сена и неговите мостови во величествена сцена, следејќи ја патеката долга шест километри по реката до Ајфеловата кула. Ова е третпат француската престолнина да биде домаќин на настанот (1900 и 1924 година). Целиот чин на Отворањето ќе трае три часа и 45 минути.

Повеќе од 300.000 луѓе се очекува да ја следат церемонијата во живо, вклучувајќи 222.000 посетители на горните брегови на Сена и 104.000 на долните делови. Покрај тоа, 80 огромни екрани ќе бидат поставени низ градот, а повеќе од милијарда луѓе се очекува да го гледаат настанот крај телевизиските екрани во своите домови.

Во парадата ќе учествуваат 205 делегации и 85 чамци. Десетина чамци ќе бидат во подготвеност во случај на дефекти, додека околу 15 ќе го регулираат темпото на парадата, синхронизирано со „шоуто“ на бреговите, мостовите и покривите на Париз. За превоз на спортистите ќе бидат достапни вкупно околу 100 чамци.

На свеченото отворање ќе настапат некои од најпознатите светски спортисти, меѓу кои и Јанис Адетокумбо, Јулимар Рохас, Флоран Манаду, Леброн Џејмс и Коко Гауф. Македонски знаменосци ќе бидат Дрио Ивановски и Мила Рељиќ. Засега најдобро чуваната тајна е името на тој кој ќе го запали олимпискиот оган. За првпат, тоа може да бидат пар спортисти. Тенисерката Наоми Осака го запали факелот на Игрите во Токио 2020. Претседателот на Франција, Емануел Макрон официјално треба да ги прогласи Игрите за отворени.

Претходно“Специјалниот“ само што дојде во Фенер, веќе знае која ќе му биде следната дестинација!
СледноБарса испрати понуда за Олмо, Лајпциг веднаш ја одби