ШК Алкалоид го оправдува статусот на фаворит со нова убедлива победа

52

Со одигрувањето на партиите од третото коло продолжија натпреварите од 32. Екипно првенство на Македонија во шах, кое се одржува во Струмица.

 

По уверливата победа од 4 : 2 во првото коло остварена над директниот конкурент во борбата за одбрана на шампионскиот трон, Гамбит Асеко СЕЕ, играчите на нашиот најтрофеен шаховски колектив имаа слободен ден, односно не играа во второто коло. Во третото коло противник им беше Гостивар, тим кој минативе неколку години, со ангажман на силни надворешни играчи, успеа да гравитира кон првата половина од табелата.

 

ШК Алкалоид на крајот од бурниот ден славеше со 5 : 1, при што беа остварени четири победи, а две партии завршија со реми по големата борба и по големите пресврти.

– На првата табла ВМ Александар Инѓиќ одигра екстра партија, во која со претходна подготовка, анализа и жртва го изненади противникот ВМ Милош Перуновиќ, кој е главен тренер на српската репрезентација, а кој важи за експерт за теорија! Доминантни игри и победи имаа и ВМ Недев, ИМ Стојановски и ИМ Лазов, па солидниот тим на Гостивар денеска немаше никаква шанса бидејќи нашите играчи по слободниот ден одиграа маестрално – вели ВМ Влатко Богдановски, капитен на ШК Алкалоид.

Во другите мечеви од третото коло: Пелагон – Анпасан СЕС 4 : 2, Шкупи – Прилеп 2 : 4 и Гамбит Асеко СЕЕ – Куманово 4,5 : 1,5. Во моментов на табелата води ШК Прилеп со 5 бода, додека, пак, Гамбит, Куманово и Алкалоид имаат по 4, но водечките тимови во идните кола ќе имаат слободен ден.

 

На првенството во женска конкуренција шахистките на Алкалоид ја забележаа третата победа во низа. Во третото коло со 3,5 : 0,5 беше совладан тимот на ГШК Куманово 1, при што победи остварија ВМ Бела Котенашвили, ЖФМ Моника Стојковска и ЖИМ Габриела Коскоска. Единственото реми беше на втората табла, каде што во завршницата топ и ловец против топ, на потег пред остварување конечна победа, противничката на ИМ Саломе Мелиа рекламираше реми со правилото 50 потега без сменета фигура, односно пешак, по што следуваше поделба на поенот.

 

Подеднакво безмилосни беа и шахистките на ШК Неготино, кои со 3,5 : 0,5 го совладаа ШК Пелагон, како и МШК Центар, кој славеше со 4 : 0 над ШК Капабланка, додека, пак, ШК Шах Шех успеа само да даде силен отпор против Гамбит, кој на крајот славеше со 2,5 : 1,5.

 

Алкалоид и МШК Центар се водечки на табелата со максимални 6 бода а, Куманово 1 и Гамбит ги следат со по 4 бода.

 

Во четвртото коло машката екипа на Алкалоид игра со ШК Куманово 1, додека, пак, женскиот тим ќе игра против ШК Шах Шех.

 

ПретходноВардар ремизираше со силниот Свонси!
СледноСветскиот шампион убедлив на стартот!