Кошаркарскиот клуб Пелистер летово за нов шеф на стручниот штаб го ангажираше Александар Петровиќ. „Пелистерци“ по трите плејоф финалиња во низа не ја кријат амбицијата во новата сезона конечно да се искачат на тронот во Купот на Македонија или во домашниот шампионат, па токму затоа изборот за нов шеф на струката падна врз Петровиќ.
Новиот стратег делува мотивирано во пресрет на овој проект, што за него претставува и враќање назад во битолскиот клуб.
Петровиќ доаѓа на клупата на местото на Дарко Радуловиќ, додека повеќегодишниот тренер Марјан Илиевски и во новата сезона ќе остане како еден од лидерите на проектот во управата на клубот.
Двајцата веќе работат напорно на создавање на играчкиот ростер за новата сезона. Во однос на ланската сезона во тимот сигурно остануваат Костоски и Лука Стојановски, додека од новите засилувања потпишани се Стајиќ, Ташовски, Пандев, Бојиќ и Американецот Брајан Антоан.