Грчкиот ѕвер не можеше сам, Шпанскиот сон за 1/4 финале е реалност

103
ФОТО: ФИБА Твитер

Дуелот на двете репрезентации кои стартуваа со пораз ЛОИ во Париз го доби Шпанија која славеше со 84-77. Ова беше пресметка која понуди вистинска кошаркарска претстава, имаше пресврти и вистински мастории, сите убавини што ги нуди овој спорт. За Грција ова значи дека шансите за пласман во четвртфиналето се речиси непостоечки, додека пак Шпанија е жива.

Алдама постигна 19 поени, додека Љуљ 13 поени, на другата страна Јанис Адетокумбо имаше 27 поени и 11 скока.

Грција беше подобра во првата четвртина, водеше со 12-20, но Шпанците полека, но сигурно го топеа нивното водство и да дојдат на 21-22.

Шпанија одигра одлична втора четвртина, предводена од Љуљ успеа да ја надополни негативата и да поведе со 49-35 на одморот, а потоа на стартот на третата четвртина со 51-35. Во првото полувреме „фуријата“ постигна 11 тројки од 16 обиди.

Јанис го разбуди својот тим, па Грција веќе на средината на третата четвртина успеа да намали на едноцифрени 55-47, овој период го доби со 13-21. Кошаркарите на нашиот јужен сосед предводени од грчкиот ѕвер ја вратија неизвеснота на стартот на последниот период, токму Адетокумбо намали на 62-61. Фернандез во вистинско време погоди тројка за 65-61.

Шпанија со тројки ја одржуваше позитивата и се бранеше од нападите на својот противник, но разликата беше ранлива и несигурна. Јанис со својот 24-ти поен израмни на 71-71 на повеќе од четири минути за крајот. Шпанија ја зацврсти одбраната и се врати на плус шест 79-71 во 38-та минута. Драмата продолжи Јанис, со два плус еден доближи на 80-77 на нецела минута до крајот. Шпанија не реализираше, но на голема среќа Адетокумбо не погоди тројка за израмнување. Хернангомез реализираше за 82-77, на другата страна не остана време за пресврт.

ПретходноПетровиќ е оптимист: Со Пелистер сакам да освојам најмалку еден трофеј
СледноЃоковиќ поради Олимпијадата се откажа од престижниот турнир