Крстевски: Најмлади сме на првенството, ќе собираме искуство!

154

Од 2. до 11 август во Плоешти, на програмата е Европското првенство од Дивизијата „Б“ за кошаркарки „Под 18“ години.

Нашата селекција е дел од групата „А“ во која се уште и репрезентациите на Грција, која, според зборовите Горан Крстевски, предводникот на оваа селекција, а апсолутен фаворит за прво то место, но и Бугарија, Норвешка и Ирска.

Крстевски има некои свои размислувања пред почетокот на ЕП во Плоешти:

„Од она што може да се види тука, како некој прв впечаток е дека сигурно сме најмлада и веројатно ‘најниска’ екипа. Во група сме со фаворитот Грција, условно, нешто ‘помал’ фаворит е Бугарија, а мислам дека можеме да се носиме со селекциите на Ирска и на Норвешка. Извесно, нема да се предадеме однапред ниту на средбата со Бугарките, но сметам дека Грција е фаворит против сите репрезентации во групата. Тоа е некој прв впечаток за нашата група.

Ќе се потрудиме да одиграме во рамките на своите можности. Дојдовме тука и нешто да научиме, бидејќи сме навистина најмлад тим, но и да покажеме што сме сработиле досега, и дека овие девојки не случајно се дојдени тука на ова ЕП. Половина од нашите играчи се помали, по две па и по три години, а една е помлада дури и четири од онаа ‘носечката’ која има право на настап. Меѓутоа, не само оние 12, туку и сите оние кои влегоа во поширокиот се тие кои во следните 10-15 години ќе треба да играат во нашата Прва лига.

За жал уште на почетокот на подготовките, поради здравствени причини, ја загубивме Ања Начевска, која сигурно е наш најдобар играч. Загубивме на квалитет, загубивме на искуство бидејќи Начевска, заедно со Милица Николиќ и Ана Ангеловска се трите кошаркарки кои имаат искуство од играње во Првата лига неколку години наназад, а беа и лани, на првенството во Бугарија.

Другите се кошаркарки родени 2009 и 2010 година, и се помладиот дел од тимот. Покрај тоа што заслужуваат да се тука, ќе треба да собираат искуство кое треба да го пренесат на наредното Европско првенство догодина“.

Во рок од пет дена нашата женска јуниорска селекција ќе одигра четири натпревари во групата „А“?

„Ќе одиме од натпревар на натпревар. Отвораме со Ирска, потоа  играме со Грција, каде може да се каже дека тоа е некој однапред планиран пораз. Следуваат два дена за одмор, а потоа ќе се обидеме да направииме некој подобар резултат во дуелите со Бугарките и Норвежанките.

Во овој момент здравствениот билтен е каков што посакуваме да биде, добар. Немаме некои проблеми, немаме повредени играчи, и се надеваме дека ќе одговориме на предизвикот“– вели Крстевски пред стартот на шампионатот воовој романски град.

СИСТЕМ ЗА НАТПРЕВАРУВАЊЕ

Со оглед на нешто помачлиот број на пријавени селекции, има мали имзени во системот за натпреварување на ЕП од Дивизијата „Б“ за кошаркарки “Под 18 години“ кога станува збор за оваа возрасна категорија.

Вкупно 18. национални селекции кои ќе бидат присутни на првенството во Плоешти, се поделени во четири натпреварувачки групи. Две од нив со пет селекции (ги очекуваат по четири натпревари), а уште две во кои има „сместено“’ по четири репрезентации (ќе играат по три натпревари).

Согласно пласманот, двете првопласирани селекции по крајот на првата фаза обезбедуваат пласман во четвртфиналето.

Екипите кои ќе бидат на третото, четврттото и петтото место, ќе се борат за пласман од 9. до 18. позиција. Ќе бидат поделени во две новоформирани групи (со пренесени резултати од натпреварите со репрезентациите кои се дел од овие две групи), односно група „Е“ и „Ф“

Првата, групна фаза, ќе се игра во периодот од 2. до 7.август, вклучително и еден слободен ден (на 5.август).

Четвртфиналето е предвидено да се игра на 9.август, ден подоцна следуваат полуфиналните пресметки, додека на последниот ден на првенството, на 11.август, се натпреварите за конечен пласман.

МАКЕДОНИЈА НА ЕВРОБАСКЕТ ВО ПЛОЕШТИ

3. Ана Сарафилоска

4. Зара Стојковска

5. Мартина Џангаровска

6. Ива Колева

7. Дора Алексова

9. Ана Ангеловска

10. Јана Пислевска

11. Милица Николиќ

12. Јована Димковска

15. Tea Трајковска

26. Вања Милосављевиќ

77. Душица Мицева

СЕЛЕКТОР. Горан Крстевски

АСИСТЕНТ-ТРЕНЕР: Методија Бешлиовски

АСИСТЕНТ-ТРЕНЕР: Јана Петрова

ФИЗИОТЕРАПЕВТ: Никола Арсиќ

ДОКТОР: Лидија Мазневска

 

НАТПРЕВАРУВАЧКИ ГРУПИ

ГРУПА А: Грција, Бугарија, Ирска, МАКЕДОНИЈА, Норвешка

ГРУПА Б: Литванија, Данска, Холандија, Велика Британија

ГРУПА Ц: Чешка, Исланд, Словачка, Австрија

ГРУПА Д: БиХ, Романија, Шведска, Украина, Црна Гора

 

ПретходноНајсериозното засилување за Кристал Палас!
СледноЗавршена е една голема кариера: Енди Мареј го одигра својот последен меч!