Анчелоти има голем број на феноменални таленти во своите редови. Арда Ѓулер и Ендрик секако се најпознатите имиња, од кои се очекуваат големи работи во годините што следат.
Интересно, Анчелоти по натпреварот против Милан реши да го пофали третиот талент од својот тим, кого го одведе да се подготвува во САД. Тоа е дефанзивецот Жоан Мартинез.
“Жоан Мартинез има потенцијал, има се што му треба на еден централен бек. Добар е со топката, многу е внимателен…” – изјави искусниот Италијанец за 16-годишникот и продолжи:
„Има многу работи што треба да се подобрат, но тој може да има иднина во Реал Мадрид. Тие завршија одлична работа со него во младинскиот систем бидејќи тој е многу добар“, додаде тој.
Жоан Мартинез влезе на теренот во вториот дел и одигра повеќе од 45 минути за Лос Бланкос и заедно со Тибо Куртоа го добија највисокиот рејтинг од сите играчи на Реал.
Ова 16-годишно момче важи за најсветлиот бисер на академијата на Реал Мадрид. Тој следната сезона би требало да биде дел од Кастиља, иако Анчелоти поради кризата со повреди би можел да го промовира во првиот тим.
Воедно, Анчелоти го предупреди Арда Ѓулер дека очекува многу од него во новата сезона откако дефинитивно ги остави физичките проблеми зад себе и имаше одличен настап на Европското првенство.