Зарем можеше поинаку на Илинден, на нашиот свет празник? Не, никако! Кошаркарската селекција на Македонија до 18 години во меч од 1/4 финалето на ЕП – дивизија Б, кое се игра во Скопје просто ја декласира Португалија со 71:42 и со тоа се избори за пласман во полуфиналето.
Браво момци МАКЕДОНЦИ за оваа победа и се за се она што досега го направивте, но се разбира дека нашите јуниори тука не запираат, имаат намера да одат до крајот, а се знае што значи тоа. Оваа победа беше шеста за нашите јуниори во исто толку натпревари.
Секоја чест и уште еднаш браво.
Уште на стартот од мечот нашите момци покажаа дека ги интересира само победа и ништо друго.
Првиот период го добија со 17:8 и се чини дека тоа им даде уште поголема самодоверба, иако во втората четвртина како малку да си дадоа одмор, ако се знае дека овој период Португалците го добија со 14:13.
Но затоа во третата четвртина, Македонија со 21:9 просто ја декласира Португалија и тука беше решен победникот. Во финишот јуниорите одиграа рутински за победа на крајот од 71:42.
Најефикасен во нашиот табор беше Луканоски со 17 поени, додека Јаничиќ забележа еден помалку.
Македонија е на чекор до пласман во А-дивизијата што е најважно во секој случај.