Одбојкарите на турнирот “Чајка“ на мегдан со Косово и Израел!

69

Натпреварите во Црна Гора и во Швајцарија ја дадоа првата слика за формата на македонските одбојкари во пресрет на квалификациите за Европското првенство 2026. Последна прверка ќе биде настапот на традиционалниот меморијален турнир „Бранко Хаџииљоски Чајка“ чиешто 48-мо издание и годинава ќе биде во функција на подготовката на нашата машка сениорска репрезентација. Од четврток до сабота, во салата „Парк“ во Струмица, Македонија ќе ги одмери силите со Израел и со Косово, а потоа ќе одржи уште неколку тренинзи пред да парува во Тбилиси за првиот евроквалификациски дуел против Грузија закажан за 17-ти овој месец.

Досегашните контроли покажаа дека имаме добра реакција. Веројатно поради патувањата и неспиените ноќи, загубивме од Црна Гора и од Швајцарија во првите пресметки, па ден потоа игравме многу подобро и победувавме. Сè уште не сме на вистинското ниво, но претстојниот тунир „Чајка“ ќе ни овозможи да посветиме внимание на деталите и да бидеме свои за квалификациите со Грузија на гости и со Грција дома“, вели селекторот Хари Наковски.

На списокот се 14-мина одбојкари, во составот се врати Лука Костиќ, кој го пропушти првиот период поради здравствени причини, а во националниот тим веќе не е Давид Стојанов. Израелците во Струмица ќе допатуваат ден порано, па пред почетокот на програмата на меморијалот „Чајка“, македонската репрезентација со нив утре ќе одигра тренинг натпреавар. Потоа, со почеток во 19 часот, три дена по ред одбојкарските вљубеници ќе имаат можност да гледаат одбојка од рангот на квалификаци за континентален собир. Македонија се надева дека ќе биде дел од него четвртипат по ред, а за да се случи тоа што побрзо и да не се чекаат термините следната година, потребни се две победи против Грузија на нејзин и против Грција на свој терен.   

48-ми меморијален турнир „Бранко Хаџииљоски Чајка“ – „Парк“ Струмица

МАКЕДОНИЈА – Косово (четврток, 08.08.2024, 19 часот)

Израел – Косово              (петок, 09.08.2024, 19 часот)

МАКЕДОНИЈА – Израел (сабота, 10.08.2024, 19 часот)

ПретходноОва е мајсторија: Голманот на Ноа со гол за аналите! (ВИДЕО)
СледноФантастична трка на 1.500 метри: Златото за Американецот Хокер!