Пораз на кадетската селеција на Македонија на првиот меч од М18 ЕХФ Еуро кое започна денеска во Црна Гора. И навистина штета ако се знае дека се до последните секунди до крајот, нашите кадети имаа резултатски егал од 28:28,но сепак противникот успеа да постигне гол и да победи со конечни 29:28.
И покрај поразот треба веднаш да се каже дека нашите млади ракометари одиграа одличен меч, во текот на целиот меч во целост рамноправно му се спротиставија на големиот фаворит, но ете среќата ги напушти кога беше најпотребно.
Дека нема да им биде така лесно на Французите се покажа уште на стартот кога Македонија поведе со 3:0 па и со 5:2. Сепак Франција се врати и на пауза се замина со резултатски егал од 14:14.
Во второто полувреме, и покрај чудниот судиски критериум, нашите кадети не се предадоа, напротив. Во самиот финиш имавме 28:28. До крајот на мечот остана помалку од една минута. Селекторот на Франција побара тајм – аут, и тоа беше пресудно зошто како што веќе нагласивме, на десет секунди до крајот примивме гол и со бевме поразени.
Најефикасни во нашиот табор беа Митев со девет и Петрески со шест голови, додека голманот Николовски имаше 13 одбрани.
Македонија утре во 14 часот во 3.коло од групата – Б ќе ги одмери силите со Германија.