Денеска со натпреварите од 1.коло стартува новата сезона во нашата елитна лига. По многу нешта ќе биде специфична оваа 33.сезона во самостојна Македонија. Како прво дека освен шампионот, тимот на Струга ТЛ, па и Шкендија, сега пред стартот на првенството не можеш да апострофираш клуб, барем засега, дека е аспирант или фаворит во битката за титулата. Дека некои работи засега се непознаница, дека што се прави во Воска…
Од друга страна сите непознаници ќе се дознаваат како ќе одминува сезоната, а потоа се знае. Сите со свои желби и сметки.
И оваа сезона во ПМФЛ ќе се игра по веќе воспоставениот систем. Три круга со по 11 кола, вкупно 33 кола.
Првакот оди во квалификациите во ЛШ, вториот и третиот заедно со победникот во Купот одат во квалификациите во ЛК. Десетиот ќе игра бараж за опстанок, а последните две екипи ќе се селат во ВМФЛ.
Според прогнозите, според квалитетот, па и амбициите, се разбира дека шампионот, тимот на Струга ТЛ е фаворит бр.1 за титулата, која би била трета во низа. Стружани осетно се засилија, но си замина Бесарт Ибраими, сепак и без него ако се биде како што треба, ако нема некои тектонски пореметувања во мак-фудбалот, од нив се очекува најмногу.
Ако некој може да го детронизира шампионот, тогаш тоа е Шкендија. Тетовци веројатно ја научија грешката од минатата сезона, веројатно нема да ја повторат.
Според историјата, трофеите и по се она што го прави Вардар се разбира дека главно прашање е што може нашиот најтрофеен клуб? Вардар не е оној Вардар од лани, паметно луѓето од овој клуб не се расфрлаат со изјави за амбициите, вардарци имаа квалитетни подготовки, и сега останува да видиме што може овој Вардар. Првата цел е да се стабилизира клубот и резултатите да бидат подобри од лани.
Од оние екипи кои би се бореле за висок пласман тука се Тиквеш, кој е посилен од лани, веројатно Силекс со Александар Васоски и не смееме да заборавиме на Шкупи и Гостивар, барем според имињата во ростерот.
Брера и Работнички може да изненадат, посебно струмичани, но….
За клубот од Градски парк повторно младите ќе бидат приоритет, но со одличниот стратег Горан Станиќ ништо не е невозможно. Брера пак ова лето имаше многу заминувања и доаѓања, тоа треба да се сложи, да се “скоцка“.
Пелистер се врати во елитата. Битола повторно е прволигашки град, Плеистер има големина и традиција, и на Пелистер мора да се смета.
Беса како дебитант во елитата ќе си ги има оние познати “прволигашки проблеми“, додека Воска според анализите би требало да биде прв кандидат за испаѓање.
Сепак, сите овие прогнози би можеле да паднат во вода, како и обично, затоа се викаат прогнози.