Кадетската кошаркарска репрезентација на Македонија со две победи го стартуваше ЕП У16 – Б дивизија. По триумфот над Украина во првото коло, во второто во продолжение беше совладана Шведска. Третиот меч ни е против Естонија која исто така има две победи.
Селекторот Александар Јованчев даде свој коментар за триумфот над Швеѓаните но и за следниот меч со фаворитот Естонија.
„Задоволни сме од конечниот исход што е и најбитно во моментов. Со агресивна одбрана успеавме да го затвориме нивниот најдобар играч и да го задржиме на само четири поени“.
Јованчев ги „запишал“ и грешките присутни во играта на нашиот тим:
„Апсолутно потфрливме во скок-играта. Дозволивме противникот да има 24 офанзивни скокови или вкупно плус 21. И тоа е нешто што не смее да се повтори. Знаевме дека Шведска добро го покрива рекетот и креиравме отворени шутеви за три поени, но не успеавме да влеземе во шутерски ритам. Освен тоа, реализиравме само 57% од слободните фрлања што е уште еден податок кој кажува дека имавме лош шутерски ден. Како и да е екипата покажа победнички карактер се одбрани и погоди кога највеќе требаше“ – дополнува селекторот по „минималецот“ против Шведска.
Против Естонија ќе играме во понеделник од 18:30 часот во СРЦ „Кале“.
„Следува ден одмор и уште еден тежок натпревар со Естонија која е апсолутен фаворит во оваа можеби и најтешка група на првенството“.