Џенаро Гатузо зборуваше за случајот со Иван Перишиќ и откри досега непознати работи. Целата сага доби заплет и ќе биде интересно да се види како на се ќе реагира искусниот фудбалер кој се чини дека е многу поблиску до заминување отколку да остане во Пољуд. Неговиот углед меѓу навивачите на сплитскиот клуб сигурно ќе опаѓа.
Ако му се верува на тренерот на Хајдук, Перишиќ пред три недели побара да си замине од Хајдук. Ова го изјави Италијанецот по ремито 1:1 против Локомотив.
„Пред 20 дена дојде во мојата канцеларија и рече дека би сакал да си замине. Ако некој не сака да остане, тогаш морам да го почитувам остатокот од тимот, а во соблекувалната има правила кои мора да се почитуваат. Му дадов шанса да игра, 20 минути, 35 минути, 65 минути. Ако некој играч изрази желба да си замине, тоа може да доведе до погрешно размислување“, изјави стратегот на тимот за кого настапува македонскиот репрезентативец, Александар Трајковски.
Неодамна Перишиќ потпиша договор со клаузула дека може да си замине до 5 септември за 200.000 евра. Се покажува дека ќе се случи…
Во саботата вечерта како бомба одекна веста дека Перишиќ е суспендиран и дека нема да конкурира за мечот со Локомотив, а многу навивачи го оправдаа таквиот потег на Гатузо.
Нови информации пристигнаа во неделата кога Index.hr откри дека Перишиќ не се појавил навреме во канцеларијата на Гатузо бидејќи решил да го заврши тренингот во теретана.