Пишува: Зоран Ѓоршоски
Вчера се одиграа сите шест натпревари од 1.коло во новата 2024/25 сезона во ПМФЛ. Постигнати беа 18 голови или во просек по 3 на секој меч. Со оглед на временските услов, беше пеколно топло, и не е така воопшто лошо, напротив.
Сите погледи на нашата фудбалска јавност беа вперени кон Струмица каде играа амбициозната Брера и Вардар. Генерално добар фудбал, посебно од страна на домашните кои покажаа сила. Вардар дваесетина минути во првото полувреме многу добар, но силно хендикепиран со неиграњето на тројца клучни играчи, загуби. Ништо страшно и ништо трагично ако се знае дека ова е прв меч, а со оглед на тоа дека има многу нови имиња секако дека ќе треба време сето тоа да се вклопи.
Да се вратиме на Брера која искрено пријатно изненади. Имаше ритам, организација во играта, брзина, знаеше што сака и како да дојде до тоа што го сака.
Сепак, сепак…да не истрчуваме предвреме. И лани беше така со четири стартни победа за да потоа жестоко се бореше за опстанок.
Струга ТЛ го дочека Тиквеш. Тоа беше меч меѓу шампионот и победникот на Купот. Меч кој стружани го добија со 1:0 и тоа со голот на Компаоре во 90.минута. Упорноста се исплатеше, и што е најважно шампионот покажа дека може и без Бесарт Ибраими, кој замина во Шкендија, дека има потенцијал и играчи кои можат да го решат мечот со еден потег. Онака како што Ибраими правеше во изминатите две години во дресот на Струга ТЛ. Тиквеш солиден, имаше шанси барем за реми, одигра добро, но проблемот и натаму е таа пуста реализација.
Шкендија рутински дојде до победата на гости кај Беса која го одигра својот прв историски меч во ПМФЛ. Сепак Шкендија е пресилна за тимот од Добри Дол.
Кога некаде при крајот на мечот во Маџари беше 1:3 за Воска, сите оние кои се разбираат барем малку во мак – фудбалот беа шокирани. Зарем Шкупи ќе си дозволи таква катастрофа уште на стартот? Тоа беше главното прашање. И не дозволи, но и не победи. Крајниот резултат беше 3:3. Ова е голем бод за тимот од Охрид.
Работнички уште еднаш покажа дека иако има млад тим, иако не пазареше многу во летниот преоден рок, дека знае да победува и кога не блеска против тимови како Силекс. Кратовци со Васоски на клупата имаа неуспешен старт, но допрва ќе се види што може овој тим.
И на крај во Битола, Пелистер и Гостивар одиграа 1:1. Голем бод за Плеистер ако се знае дека Гостивар, барем според имињата, речиси пред секој меч во ПМФЛ сезонава ќе биде фаворит. Затоа ова реми е неуспех за Гостивар кој и оваа сезона, исто како и лани вложи многу пари за наши услови да дојде барем до Европа.
Дали ќе успее?