Ете и тоа го дочекавме. Килијан Мбапе, веројатно најдобриот фудбалер во светот во овој момент вечерва ќе го има своето деби во дресот на Реал Мадрид. Деби кое се чекаше со години, а тоа ќе се случи на Арената во Варшава во Суперкупот на УЕФА и тоа против Аталанта (21 часот). Со оглед колку пари и нерви зе потрошени, секако дека се очекува новиот “крал“ да биде стартер, но за тоа ќе видиме.
Суперкупот на УЕФА, во кој се среќаваат победникот во ЛШ и победникот во ЛЕ само по себе и не е којзнае каков спектакл како на пример финалето на Лигата на Шампионите, но сепак трофеј си се трофеј, Мбапе си е Мбапе, и затоа цел фудбалски свет со интерес ќе го проследи дуелот меѓу најголемиот клуб во светот и “малата“ Аталанта од Бергамо, клуб и тим кој не смее никако да се потцени. Гасперини и тоа како си ја знае работата, се познаваат добро со Дон Карло, така да може да се очекува добар настап на клубот од Италија.
Мбапе ќе го поведе Реал вечерва во атак на нов трофеј, дали новиот “крал“ ќе се радува на првиот пехар во својот нов клуб останува да се види, но ако победи Реал ќе стане најтрофејниот клуб во Европа и во оваа конкуренција.
Засега Реал има пет трофеи, исто колку и Барселона и Милан, и јасно е дека “кралевите“ посакуваат и во овој сегмент да бидат нај, нај.
Реал Мадрид има мотив повеќе и поради Барса. Гигантот од Мадрид во поглед на титлулите во Ла Лига води со 36:27, по бројот на пехарите во ЛШ 15:5, Лига Европа 2:0 и Светски клупски првенства 5:3, само тука е израмнето со 5:5.
Ете шанса вечерва Реал да покаже и во Суперкупот кој е кој.
Сепак, за ова се прашува и Аталанта.