Шабовиќ погоди за Дјургарден и се сели во ВБА

906

✍️ Огнен Чак Дојчиновски


Дека на репрезентацијата на Македонија секогаш и во секое време и е потребно засилување од било каков вид ќе се согласиме сите. Дека дијаспората во изминатиот период многу често знаеше да ни донесе новитети, (што засилувања, што промашувања) ние упатените, но и пошироката јавност, секако сме заинтересирани но и компетентни да искоментираме.

Еден од оние кои долго време се провлекуваше низ тефтерите на младинските селектори на Македонија е Бесард Шабовиќ. Момчето родено во Скопjе, како многу мал со своето семејство заминува во Шведска, и настапуваше за „викинзите“ во сите младински категории. Македонија долго време го „бркаше“ и конечно го доведе на еден селективен У21 камп во Анталија под водство токму на селекторот Благоја Милевски.

Тогаш популарниот Сер Боби, според сите интерни информации, не беше премногу импресиониран од Шабовиќ, па тој повеќе не се појави во нашиот дрес. Продолжи да настапува за Шведска, (наводно и по своја волја). Сега, откако минаа години и офанзивецот „стокми“ веќе 26 години со успех настапува за екипата на Дјургарден за која што предмалку погоди во победата од 3:1 над фински Илвес во реванш мечот од 3. коло на Конференциската лига. Што е уште поваважно, топ-настапите на Шабовиќ периодов му носат и топ-трансфер на Островот во тимот на Вест Бромвич Албион. По двете одбиени понуди, актуелниот клуб на Шабовиќ ја прифати третата и тој се сели во Чемпионшип.

Сега „СпортСпорт“, јавно се прашува дали е време телефонот на Шабовиќ повторно за заѕвони со позивен број од Македонија, и тој да добие сениорски повик. Неофицијално, „СпортсСпорт“ има информација дека играчот за врска нема ништо против да настапува за Македонија, а дека нам ни е потребна свежа крв, особено во напаѓачките редови со оглед на последните резултати на националниот тим, е јавна тајна.

Кога веќе имаме засилувања од екипи како Хвидорве и Сепси (од играчи кои исто така не одбиле, па прифатиле да играат за Македонија во подоцнежни години), кога актуелните репрезентативци бележат и по шест месеци без клупски настап, реално играч како Бесарт Шабовиќ заслужуваат барем интерес и обид да го облече дресот на Македонија. Дали тоа ќе се случи, не знаеме, но секако дека будно ќе следиме како ќе се развива кариерата на Шабовиќ. Дали сегашната форма на Шабовиќ и статусот кој што го има ги задоволува вкусовите на селекторот Милевски ќе дознаеме наскоро. Септември и новите репрезентативни предизвици се за дваесетина дена, па ФФМ и селекторот се на потег.

ПретходноЉубомир Спасиќ трет на светското првенство во кајак спуст класик
СледноНовата сезона во Ла Лига почна со реми на „Сан Мамеш“ (ВИДЕО)