Браво Бојан: Од Штип до Лига Шампиони, тоа е Миовски!

3852

Едноставно Македонија, фудбалска Македонија може да се гордее со својот Бојан Миовски. Фудбалерот кој од денеска и официјално е нов член на Џирона, тимот кој што ќе игра во Лига на Шампиони, тимот кој лани до некаде до средината на сезоната во Ла Лига беше убедливо прв на табелата.

Кога некој ќе даде за тебе речиси 10 милиони евра, е тогаш да знаеш дека вредиш. Тоа ние го знаеме, тоа и Бојан треба да го знае.

Бојан Миовски денеска и официјално, стана најскапиот играч во историјата на Абердин, еден од најголемите клубови во Шкотска. Досега ниту еден играч на Абердин не бил продаден за тие пари. А сето тоа го искешира една Џирона, се знае под чија “капа“ е овој клуб. За тие што не знаат, тоа се оние газди на Манчестер Сити.

Сепак не беше се така лесно за Бојан да дојде до тука.

Роден во Штип пред 25 години својата кариера ја започна во Брегалница. А каде на друго место?

Во 2017 година направи трансфер во Работнички. Ама тогаш клубот од Дебар Маало не го виде потенцијалот на Бојан, искренио тој не доби шанса да покаже што знае. Па беше пратен на позајмица во У-19 тимот на Карабах во Азербејџан. И кога се врати во Градски парк, повторно не доби адекватна шанса. Што ли гледаа тогаш во Работнички?

Следуваа шест месеци мачење во Македонија ЃП, за да конечно во Ренова во таа 2019/2020 сезона просто “експлодира“.

Реководството на клубот од Џепчиште знаеше што и како треба со Бојан.

И се знае, следуваше трансфер во Унгарија, во МТК. Таму Бојан повторно одличен, мина две сезони во овој клуб, се виде потенцијалот на Штипјанецот за да следува БУМ, трансфер во Абердин во 2022 година за околу 600.000 евра.

А во Абердин нашиот Бојан ја покажа својата класа, голови, голови и само голови. Минатата сезона беше избран за најдобар фудбалер на својот тим и се најде во идеалниот тим на Шкотска.

Селтик, Глазгов, Џенова, Еспањол…и уште многу други клубови го сакаа Бојан во своите редови, но Џирона најмногу, и затоа и го доби за околу севкупно 10 милиони евра.

Ете така се прави тоа. Така Бојан од Штип стигна до Лига Шампиони каде ќе игра со својата Џирона.

Браво Бојан, следниот трансфер нека биде уште поголем, ти тоа го можеш.

Само напред!

ПретходноСРЕЌНИ ВЛТ ВЕСТИ: Х.М. ОД КРИВОГАШТАНИ ОСВОИ СУПЕР МИЛИОНЕР ВРЕДЕН 7.701.929 ДЕНАРИ
СледноЊукасл објави кога се враќа Тонали по суспензијата