Кошаркарската репрезентација на Македонија за играчи до 16 години успеа да ја совлада и Португалија на Европското првенство од Б-дивизијата во Скопје и со тоа обезбеди пласман во борбата за 9. место. Нашите млади надежи славеа во интересен и до крај израмнет меч со Португалија со 70:65 и потврдија дека на ова ЕП малку им недостасуваше да влезат во борба и за многу подобар конечен пласман.
Извонредниот старт во првите две четвртини се чини беше клучен за победата. Нашите млади кошаркари на полувреме заминаа со голема предност 45:30 и успеаја да направат одлична подлога за мирен втор дел. Португалците во вториот дел успеаја да ја намалат разликата уште во третиот период, а ние во последните 10 минути настојувавме да останеме во предност.
Откако во последните 30-тина секунди имавме плус 4 беше јасно дека победата ќе ни донесе место во последниот меч за пласман на 9. место. Ѓорѓевиќ со 22 поени и Нешовиќ со 20 поени беа извонредни и воедно најефикасни во нашиот тим.