Женската сениорска одбојкарска репрезентација на Македонија, вечерва во СЦ „Јане Сандански“ (20.15 ч. – 📺 МРТ 3) ќе ги почне квалификациите за Европското првенство 2026 година со премиерниот меч против Австрија. По едно учество во Европската Сребрена лига минатата година, нашите девојки повторно добиваат шанса да ги покажат своите квалитети на европската сцена.
Под водство на селекторот Стефан Пауновиќ, оваа генерација која имаше огненокрштевање минатата година, сега поискусна ќе се обиде да го поправи својот рејтинг и резултати низ дуелите кои ја очекуваат со Австрија и Грција. Јасно е дека нашите девојки се во улога на аутсајдери, но сигурно нема да пропуштат шанса да се обидат да направат некое изненадување.
Токму вечерашниот дуел со Австрија е првата шанса за избраничките на Пауновиќ да покажат дека напреднале во однос на минатогодишните репрезентативни настапи. Австријките ни се добро познат противник, затоа што против нив минатата година игравме во Сребрената лига и двапати бевме поразени со по 3:0.
Судии на мечот ќе бидат Ѓула Тилман од Унгарија и Ѓорѓе Стевановиќ од Србија.
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2026 (Ж)
ГРУПА „Ф“
1 КОЛО
20:15 МАКЕДОНИЈА – Австрија (📺 МРТ 3)
2 КОЛО
25.08 Австрија – Грција
3 КОЛО
29.08 Грција – Македонија