Импресивен старт на машката сениорска одбојкарска репрезентација на Македонија во новиот квалификациски циклус за пласман на европското првенство во 2026 година. На гостувањето во Тбилиси, избраниците на селекторот Хари Наковски со максимални 3:0 славеа против селекцијата на Грузија и ја остварија првата планирана победа во рамките на групата „Ф“.
ГРУЗИЈА – МАКЕДОНИЈА 0:3 (12-25, 14-25, 18-25)
Со оглед на она што го видовме во сите три сета, Грузија немаше никакви шанси против одлично расположените македонски репрезентативци. Во првиот сет Грузија беше рамноправна само во првите неколку поени, по што следуваше налет на нашиот национален тим и прва поголема предност (4:10). До средината на сетот веќе имавме двојна предност (8:16), а во завршницата Грузијците останаа само со 12 освоени поени.
Истото темпо на игра го видовме и во вториот сет. Грузија успеа да освои само 14 поени, а нашите одбојкари ја најавија првата убедлива победа. Малку повеќе неизвесност имаше во завршницата од третиот сет, кога се опуштивме и дозволивме домашните да освојат некој поен повеќе. Сепак, завршницата беше рутински реализирана за конечни 18:25 и победа во максимални три сета.
Одлично издание имаше Љафтов со 14 поени, додека капитенот Никола Ѓоргиев реализираше 12. Трет реализатор беше Филип Савовски со 11 поени.
Следниот викенд ќе биде првиот голем тест за овој македонски репрезентативен состав. Никола Ѓоргиев и останатите наши репрезентативци ги чека дуел со Грција во Скопје, кој може да биде клучен за првото место во групата „Ф“ кое директно води на ЕП 2026 година.