Вечерва на Националната Арена “Тодор Проески“ во Скопје со почеток од 20 часот ќе се игра “Дербито на Македонија“. Се среќаваат Вардар и Пелистер, лути и вечни ривали.
По ремито со Гостивар дома во првото коло, битолчани си имаа свои сметки, а во пресрет на дербито, свое видување има искусниот напаѓач Мирко Ивановски:
“Ова е дерби за докажување. Ваквите мечеви секогаш носат возбуда, се надевам дека заедно со нашите навивачи ќе можеме да се радуваме на успех во Скопје. Кога се игра на Арената, тоа секогаш дава дополнителна мотивација. Овој меч, ова дерби со Вардар е како меч од Лигата на Шампионите“ рече покрај другото Ивановски кој ова лето по долги години се врати во Битола, се врати во својот матичен клуб Пелистер.