Вардар вечерва од 20 часот на Националната Арена “Тодор Проески“ во Скопје, во “Дербито на Македонија“, ќе го пречека својот вечен ривал, тоа е тимот на Пелистер. По неколку години пауза, еве “македонското класико“ во прволигашки рамки се враќа на голема врата.
По оној пораз во Струмица од Брера на срартот на сезоната, вечерва Вардар е исправен пред голем предизвик.
Тоа го знае и тренерот на Вардар, Горазд Михаилов, кој за “СпортСпорт“ во пресрет на дербито, истакна:
“Убаво е што ова македонско дерби се игра во вечерен термин. После лошото издание против Брера, Вардар нема друга опција освен победа. Го почитуваме и респектираме Пелистер, сепак ова е „Дерби на Македонија“. Ние сме подготвени и ќе го дадеме својот максимум и се надевам дека ќе ја забележиме првата победа во новата сезона. Од друга страна свесни сме дека нема да биде лесно, но носени со бодрењето на нашите верни навивачи, Комити, ќе се потрудиме да ги израдуваме и на крајот да се радуваме заедно“ истакна Михаилов.
Да потсетиме дека тој во дел од својата тренерска кариера беше стратег на Пелистер и ги има водено битолчани против Вардар, но вечерва за првпат како тренер на напиот најтрофеен клуб ќе ги води “црвено – црните“ против Пелистер.