Кошаркарскиот прволигаш Пелистер доведе ново засилување за новата сезона, овојпат на центарската позиција. Од клубот денеска потврдија дека потпишаа договор со Американецот, Мајк Едвардс.
Станува збор за 27-годишен кошаркар висок 206 сантиметри кој треба да биде од огромна помош за тимот на тренерот Александар Петровиќ во борбата под обрачите. Едвардс има богато искуство од настапи ширум Европа, а последната сезона ја минал во грузискиот прволигаш Ткибули Орби. Таму Американецот важеше за лидер во тимот, со просек од 15,5 поени 6,8 скокови и 1,1 блокада по натпревар.
Едвардс настапуваше за Универзитетот Џорџија во НЦАА-лигата се до 2019 година, по што има играно во Канада, од каде доаѓа во европската кошарка и има настапувано за екипи од Азербејџан, Русија, Косово и Грузија, за летово да пристигне и во македонскиот шампионат како член на Пелистер.
Едвардс е уште едно во низата засилувања на Пелистер откако претходно беа ангажирани и Андрија Бојиќ, Бобан Стајиќ, Виктор Ташовски, Петар Бошалески, Дамјан Крстевски, Димитар Пандев и американскиот бек Брајан Антоан.