Коментар на 2.коло: „Дербито на Македонија“ за сите вкусови, само шампионот е максимален, тренерски смени…

494

Пишува: Зоран Ѓоршоски

И дефинитивно вчера на Арената во Скопје победи фудбалот. Тоа беше 59. “Дерби на Македонија“ за сите вкусови. Да, Вардар победи, можеше ова “македонско класико“ да заврши и без победник, можеше и Пелистер да се радува ако не беше Гачевски, сепак реално Вардар си ја заслужи победата. Беше подобар токму за тие 1:0. Ова беше прва победа на Вардар во новата сезона.

Велиме дека ова беше дерби за сите вкусови најмногу поради фановите. Јасно е дека имаше “пецкања“ и од Комити и од Чкембари, но ако нив би ги немало, ако немаше “бакљади“ тогаш и самата атмосфера немаше да биде на нивото.

Речиси 10.000 фанови за еден наш прволигашки меч е доказ дека Македонецот сака фудбал, го сака Вардар. Нема што премногу да се дискутира, се е кажано, детализирано, анализирано.

Вакви мечеви и вакви спектакли му недостасуваат на мак – фудбалот.

Шамионот, тимот на Струга Трим Лум и вчера против Беса не блескаше. И вчера победи само со 1:0. Него, кој тоа го интересира дали шампионот блеска или не ако се знае дека има “два од два“, и само овој тим е максимален со шест бода и сега е лидер. Уште кога ќе почне да блеска којзнае што ли само противниците ќе ги снајде. Да не си им во кожа. Факт е дека Ќато има силен тим и затоа се очекува поквалитетни изданија. А Струга ТЛ тоа го може. Уште ако во недела успее да го победи својот “пациент“ Работнички, тогаш оди стигни ја.

Работнички под Шара одигра одлично, посебно во првото полувреме. На крајот беше 1:1, но гостите не успеаја да реализираат пенал и сами си дадоа гол. Шкендија и со Бесарт Ибраими пак “поткашлува“. И дефинитивно мора подобро ако сака титула.

Тиквеш го слави Спахиу. Со двата гола на овој напаѓач успеа да ја победи Воска со истиот резултат како во последното финале на Купот. Кога кавадарачани ќе почнат да освојуваат бодови и на гости, е тогаш ќе бидат легитимен кандидат за највисок пласман, вака тешко.

Гостивар силен, Потук маестрален, Шкупи лошо почна, само еден бод и тоа едвај, во првите две кола. Чаирчани веројатно уште на стартот покажуваат дека не се тие што беа пред две – три години, далеку е овој тим од тие славни денови кога беа шампиони и кога играа во плеј – офот во ЛК.

Силекс фантастичен. И играчки и резултатски просто ја декласира Брера. Онаа Брера која по првото коло сите ја фалевме со полна уста. Можете да го видите Бојан Круљ по мечот во изјава за клупскиот ФБ како изгледа по мечот во Кратово. Како да не знае што да каже, како да не знае што го снашло. Загубен….

Така е тоа кога ривалот ќе те декласира.

Сега за тренерските смени.

Уште по второто коло Вардар и Шкупи имаат нови тренери. Поради приватни причини Горазд Михаилов не е веќе шеф на стручниот штаб, него го наследи Горан Петрески – Чунга.

На Чаир пак Ернест Ѓока доби отказ откако по првите две кола освои само бод. Тоа беше за очекување ако се знае како функционира првиот човек на клубот.

Прво направи грешка што со Ѓока ја почна сезоната, а втората грешка му е што само по два меча му дава отказ.

Така тоа не се прави.

ПретходноГундоган нема веќе да игра за Германија!
СледноОфицијално: Ѓока не е веќе тренер на Шкупи! (ФОТО)