Наковски: Грците доаѓаат посилни од лани, ќе ни треба поддршка од трибините

455

Македонската машка сениорска одбојкарска репрезентација се врати од Тбилиси и вечерва во Скопје продолжува со тренинзи пред вториот меч од квалификациите за Европското првенство во 2026 година. По победата на гости кај Грузија, пред избраниците на селекторот Хари Наковски сега е најголемата пречка во квалификациската група „Ф“, воедно и најголем предизвик, селекцијата на Грција.

„Нема одмор. Синоќа се вративме од Тбилиси, а веќе вечерва во Скопје продолжуваме со работа. На сите ни е јасно дека се што сакаме е да се пласираме на европското првенство и ќе направиме се за да ги реализираме амбициите“, вели Наковски.

Грција е прв фаворит во групата и тоа им е јасно и на селекторот и на нашите репрезентативци.

„Грција оваа година е посилна во однос на минатогодишните натпревари во Златната лига. Имаат четворица нови одбојкари и изгледаат навистина моќно. Но за нас тоа не менува ништо. Мора да ја одиграме најдобро што знаеме. Ако останеме фокусирани, може да изненадиме. Се што ќе успееме да освоиме како сет или бод, ќе биде многу значајно за нас. Овој меч може да биде и клучен за пласманот на Европското пренство“, дополнува селекторот на нашите одбојкари.

Поради важноста на мечот, Наковски очекува добра посета в недела во „Јане Сандански“.

„Еден од клучните моменти на неделниот меч ќе биде и поддршката од трибините. Очекуваме добра атмосфера за добра мотивација. Ќе се бориме, па останува да видиме како ќе биде на крајот“, заклучи предводникот на нашата селекција.

Претходно„Ефектот Мбапе“: Реал почна да игра 4-2-4, Белингем стана „невидлив“
СледноАмериканецот Едвардс, ново име во Пелистер