„Дербито на Македонија“ синоќа на Националната Арена во Скопје повторно потсети на убавите денови за фановите на Вардар. Првиот меч во вечерен термин под рефлектори натера повеќе од 10.000 вистински вљубеници од фудбалот да присуствуваат на дуелот со големиот ривал Пелистер.
На вратите на нашиот најголем стадион имаше редици за влез, како што немало одамна, а тоа само ја покажува љубовта која скопјани ја имаат кон „црвено-црните“. Секако, голем влог во вчерашната одлична посетеност на дербито имаше и гостувањето на битолските „зелено-бели“ кои се секогаш мотив повеќе за љубителите на фудбалот.