Само ден по победата над Пелистер: Горазд Михаилов повеќе не е тренер на Вардар

1870

Само ден по победата над Пелистер во 2. коло од ПМФЛ, Горазд Михаилов си замина од клупата на Вардар. Како што објавија од редовите на „црвено-црните“, Михаилов поднел оставка на позицијата.

„Фудбалскиот клуб Вардар ја известува јавноста дека Горазд Михаилов, досегашниот шеф на стручниот штаб, поднесе оставка на функцијата и повеќе нема да ги предводи црвено-црните. Горазд Михаилов во клубот пристигна минатата полусезона и успеа да ја исполни главната цел на навивачите и клубот, обезбеди опстанок во ПМФЛ, а покрај тоа оствари и значајни резултати, кои секако дека остануваат да сведочат за професионализмот и посветеноста. Тој си заминува поради приватни причини, а со раководството на клубот во пријателски однос е постигнато взаемно прифатливо решение. Во името на клубот, му се заблагодаруваме за ангажманот, за сите победи, но и за тоа што кога беше тешко, застана и ја водеше екипата во најважните предизвици“, се вели во соопштението.

Останува да се почека новото тренерско решение на клупата на Вардар пред следниот дерби дуел со Шкупи в недела.

ПретходноАмериканецот Едвардс, ново име во Пелистер
СледноМареска убеден дека Енцо е вистински капитен: Ако еднаш згрешил не треба да го казнуваме цел живот!