Од вчера, нашата машка сениорска репрезентација се пресели во Скопје каде ги продолжува засилените подготовки за вториот меч во квалификациите за ЕП 2026. В недела во СЦ „Јане Сандански“ гостува силната Грција, која е наш директен ривал за првото место во групата.
Капитенот Никола Ѓоргиев е свесен за тежината на дуелот, но охрабрен од првиот меч и убедливата победа над Грузија најавува атак на нова победа.
„Одличен почеток на квалификациите. Убедлива победа над Грузија. Никогаш во историјата, барем од кога јас сум во репрезентацијата, не сме почнале квалификации со победа од 3:0. В недела во Јане Сандански не чека едно големо дерби со Грција. Тоа е репрезентација која е на наше ниво и против која ако имаме добар ден и бидеме дисциплинирани во блок, одбрана и добар сервис, можеме да славиме. Калкулации нема. Јас како капитен и целата моја екипа сме подгоитвени за победа, со која широко ќе ги отвориме вратите да го оствариме сонот на ова некоја нова генерација да одиме и на Евро 2026. Ја повикувам публиката во што поголем број да не испрати, да ни помогне. Ќе биде тешко, но верувам и се надевам и ветувам дека ќе дадеме се од нас и в недела да славиме пласман на уште едно европско првенство“, вели Ѓоргиев.
Натпреварот против Грција в недела започнува во 20.15 часот. Влезот во салата ќе биде слободен.