По заминувањето на Горазд Михаилов, раководството на Вардар го назначи Горан Петрески – Чунга за нов стратег. Миленикот на фановите на Вардар, некогашниот легендарен напаѓач, е пред голем предизвик. Тој веќе го одработи првиот тренинг со играчите како шеф на струката, да потсетиме дека досега беше прв асистент на Михаилов.
„Вардар е мој клуб. По десет години како играч и долги години како тренер во младинските категории, за мене е чест и задоволство е да се биде тренер на првиот тим. Верувам во овие момци, сигурен сум дека можат повеќе од тоа што досега покажаа“ посочи Петрески во интервјуто за ФБ на ФК Вардар.
За тоа какви се амбициите, како и секогаш, така и сега, Петрески е оптимист:
“Моите амбиции се секогаш да се оди на првото место. По неколку лоши години доаѓаат нови ветрови во клубот и нови луѓе кои сакаат да го вратат клубот на врвот. Се надевам дека ќе се бориме за излез во Европа“.
Во недела се игра големото дерби со Шкупи на Чаир:
“Тежок меч, со оглед како ја почнаа сезоната секако дека ќе се мобилизираат со сите сили да дојдат до добар резултат против нас. Од друга страна ние си го гледаме своето. Ќе атакуваме на победа, тоа е јасно. Јас како тренер сакам офанзивен стил на игра, веруваме дека многу бргу тоа ќе го покажеме на теренот“ рече покрај другото Петрески.