Возачот на Вилијамс, Алекс Албон е дисквалификуван од квалификациите за Големата награда на Холандија поради кршење на техничките протиси. Албон го зазема осмото место на „Зандворт“, но по завршувањето на квалификациите востановено е дека подот на неговиот болид не е легален, односно е поширок од дозволеното.
Тоа значи дека за главната трка Албон ќе стартува од последниот ред заедно со тимскиот колега Логан Сарџент кој по страшната несреќа на тренингот не возеше квалификации.
И седумкратниот светски шампион Луис Хамилтон е казнет поради успорување во дуел со Серхио Перез од Ред Бул во првиот дел од квалификациите. Инцидентот се случил во бавната деветта кривина, Британецот направил непрописен потег иако потоа му се тргнал на возачот на Ред Бул од патот, но на крајот судиите одлучиле дека тој потег не е дозволен.
Хамилтон требаше да стартува од 12. позиција, но по казната ќе мора да тргне од позиција број 15. Перез, сепак, и покрај тоа што загуби време во тој дуел со Хамилтон успеа да оствари добар резултат и да го заземе петтото место.