Аргентинскиот напаѓач Пауло Дибала можеше да заработи 75 милиони евра за три години во Саудиска Арабија, меѓутоа му се заблагодари на Ал Кадсија и одлучи да остане во Рома.
Така 30-годишниот Аргентинец образложи зошто решил да остане во Рома.
„Многу луѓе го гледаат само финансискиот аспект, но не и јас. Размислував и на другите приоритети како што се фамилијата, градот во кој живеам и желбата да се вратам во репрезентацијата. Имам 30 години, физички се чувствувам добро и сакам и понатаму да го давам својот максимум. Јасно ми е кога луѓето ќе чујат за толкави пари и потоа само за тоа размислуваат, меѓутоа не и јас“, изјави Дибала.
Аргентинецот одлучи да игра за нешто помала плата од 6 милиони евра во Рома, а се надева дека со настапите за Рома ќе успее да се врати во репрезентацијата.
Последниот меч за Аргентина, Дибала го одиграл во март 2023 година, пријателски со Курасао.