Коментар на 3.коло: Работнички е чудо, Шкупи го доби мега – дербито…

731

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Вчера се одиграа сите мечеви од 3.коло во новата сезона во ПМФЛ. Шкупи ја доби “Битката за Скопје“ и тоа заслужено, подобар беше од Вардар и тука нема дилеми. Овој натпревар е анализиран до детали што се вели, убава атмосфера која домашните фанови ја расипаа со непристојните скандирања.

Прашање е само до кога вакво нешто ќе ни се случува?

За ова си има надлежни кои треба да реагираат. Што ли само им требаше? Нивниот тим беше подобар, победи и место да се радуваат тие ја расипаа цела фешта.

Сега за поубавите работи. А една од најубавите во изминатите три кола секако дека е Работнички. Овој тим со Горан Станиќ како тренер, е чудо. Во два врзани меча со најзвучните тимови да освоиш четири бода, а по двата да жалиш, секако дека е голема работа.

И порано имало вакви “излети“, но сега на клупата е Станиќ кој и тоа како си ја знае работата и ништо чудно ако тој овој тим тој не го однесе во битката за Европа, иако и нешто друго не исклучено.

Струга ТЛ и тоа како не е тоа што треба да биде. На три меча само два постигнати гола, и со право стратегот Ќатип Османи се жали кога вели дека е загрижен зошто неговиот тим не покажува агресивност во нападот.

Факт е дека има, по имиња, најдобар тим во ПМФ, но во фудбалот тие не играат, туку срцето и желбата.

Шкендија во Струмица играчки просто ја “збриша“ Брера. Ако тетовци беа малку поприсебни на струмичани ќе им се повтореше Силекс. Но и вака е лошо за нив, за струмичани. По победата над Вардар тие примаат шест голови а не даваат ниту еден. Тренерот Круљ треба да се замисли, а не само да жали по пропуштените шанси. Вака не оди.

Беса испиша историја. Дојде до својата прва победа во ПМФЛ во историјата, но за тоа “виновен“ е Тиквеш кој и на овој меч покажа дека нема гол – играч. Бадијала сите шанси, погодени стативи. Ако сакаш победа тогаш мора да даваш голови а кавадарчани не даваат и ете ти проблем.

Гостивар очекувано славеше кај Воска и сега е на делба на првото место со Шкендија и Работнички, тетовци се лидери поради гол – разликата, сите три екипи имаат по 7 бода. И Гостивар покажа дека дефинитивно има сила и квалитет да се вмеша во битката за највисок пласман.

Силекс по одличната партија минатиот викенд си тера по старо, пораз на гости и тоа во Битола од Пелистер.

Дали и Силекс полека, но сигурно станува само “домашна“ екипа?

И кога сме кај “домашните“ и “гостинските“ екипи, досега во овие три кола победиле само Шкендија двапати и еднаш Гостивар.

Од 18 средби само три победи на гостите.

Премалку…

ПретходноШкендија сега е лидер а тренерот Беќири вели: “Нема потреба од еуфорија“!
СледноЃоргиев по поразот од Грција: Не следеа многу малери, но одигравме машки