Нашите одбојкари не успеаја да ја остварат и втората квалификациска победа за место на ЕП 2026. Вчера на домашен терен бевме поразени од Грција, но со играта покажавме дека нашите амбиции остануваат битка за место на ЕП. Капитенот Никола Ѓоргиев, по средбата ги сподели своите размислувања за мечот, но и за состојбата во нашата селекција непосредно пред дуелот со Грците.
„Би сакал да им се заблагодарам на сите навивачи за поддршката. Многу ми е жал што не успеавме да ги израдуваме. Мислам дека оваа атмосфера беше подобра и од онаа на Европското првенство лани. Грција во овој момент беше подобра од нас. Не е алиби, но имавме многу тешка недела. Савовски имаше бронхопневмонија, Лепидовски го свитка зглобот, Маџунков се повреди на грбот. Не следеше несреќа, но одигравме машки, дадовме се од себе, меѓутоа максимумот беше тој“, вели капитенот на нашата репрезентација.
На половина од квалификациите, Македонија има половичен биланс, но со реални шанси да се најде меѓу 24-те најдобри европски селекции. Следната година не очекува домашен меч со Грузија и гостување во Грција.