Освојувачот на Купот на Македонија, екипата на Штип УГД денеска ги започна подготовките на за новата одбојкарска сезона. Тимот кој очекува и прво европско учество со пријава во Балканскиот куп, полека го комплетира и ростерот за следната сезона со доведување на првите засилувања.
Првите две нови имиња во Штип УГД се двајца македонски репрезентативци кои се на поширокиот список на нашата А-репрезентација. Станува збор за Давид Стојанов кој ќе биде засилување на техничарската позиција, а во Македонија се враќа по неколку сезони минати во странство, од каде последната ја мина во словенечки Фужинар.
Второто репрезентативно засилување е Стојче Арсов, кој доаѓа од Работнички. Арсов игра на позицијата коректор и исто така ќе се обиде со својата игра да се наметне во првиот состав на тренерот Кристиан Ристески.
Покрај овие две договорени засилувања, штипјани во моментов преговараат и со две странски засилувања за поциите среден блокер и примач. Во игра се потписи со по еден интернационалец од Бразил и Белорусија со кои деновиве треба да се финализираат преговорите.