Милевски: Фарски Острови одамна не се тим за билдање гол-разлика, ќе биде тешко

240

Селекторот на нашата фудбалска репрезентација, Благоја Милевски, откако го објави списокот на повикани фудбалери за претстојните дуели со Фарските Острови и Ерменија во Лигата на нации, одговараше и на новинарски прашања. За изборот на фудбалерите и за тоа што некои од стандардните сега ги нема во комбинација за претстојните два меча, Милевски вели:

„Дарко Велковски поради фактот што нема клуб не е повикан. Дени Илиев не е тука поради повреда. Дебитант е Кристијан Трапановски кој што заслужи повик. Што се однесува до мечот со Фарски Острови, ќе влеземе максимално, без разлика што ќе се игра на таа вештачка трева таму, но тоа не е никакво оправдување за било каков неуспех. Респект за противникот, но ние одиме максимално. Оваа Лига на нации е поинаква по формат од претходните. Цел секако дека е пласман на Мундијалот преку тој систем кој е замислен. Добро е што секој од овие повикани е здрав и подготвен за настап“, вели Милевски.

За дел од помладите фудбалери кои влегуваат во потесниот круг на А-репрезентативци додаде:

„Неколку момци од младата репрезентација до 21 година се во потесен круг за повик. Јас бев прв поборник тоа момците да ги играат У21 квалификациите, па потоа да пристапат на А-селекцијата. Зошто и како Лука Станковски и Методи Максимов не де повикани за У21, сега ниту имам информации, ниту сакам да се мешам во работата на селекторот“.

За едно од новите имиња на интернационалната сцена, кое сега доаѓа во репрезентацијата, Кристијан Трапановски, Милевски додаде:

„Кристијан Трапановски како играч има потенцијал да напредува и да ги исправи недостатоците кои ги има во својата игра. Со трансферот во Данди Јунајтед показа дека има квалитет и затоа е повикан во селекцијата“.

За серијата лоши резултати и за формата на фудбалерите пред дуелот со Фарските Острови, селекторот вели:

„Тој јунски прозорец секогаш бил проблем пред се од физички и ментален аспект. Септемврискиот прозорец е нешто сосема друго. Подготовките се пројдени и тоа ми е доволно за да се надевам дека ќе одговорат на она што го барам. Оние што ќе бидат стартери, секако дека се оние кои се најподготвени и кои имаат каква-таква минутажа во клубовите. Не ме загризува серијата на порази. Свесно беа одбрани Хрватска и Чешка како противници за тие пријателски. Како селектор не се стремам да билдам рејтинг против Андора. Немам ама апсолутно никакви замерки кон играчите освен за неефикасноста што се однесува до изминатите мечеви. Анализите се направени. противниците се тие. Ние треба да бидеме на ниво. Фарски Острови одамна не е тим  за билдање гол-разлика. Не чека тежок меч со тежок противник. Мора да сме на максимум“, заврши Милевски.

ПретходноМилевски со список од 26 фудбалери за првите два меча од Лигата на нации
СледноМеси се врати на тренинзи, но до првиот настап ќе помине уште еден месец