Македонскиот шампион Струмица во новата сезона ќе биде посилна за уште двајца македонски репрезентативци. Средниот блокер Филип Маџунков и примачот Стојан Илиев во новата сезона решија да останат дома и да го облечат дресот на Струмица, која бараше проверени имиња за засилување на тимот пред годинашните настапи во Европа.
Како што потврдија од клубот, Маџинков и Илиев ќе бидат најмалку до крајот на зимата дел од струмичкиот колектив, но има реални шанси да останат и да ја одиграат и цела сезона за нашиот првак. Маџунков во Струмица се враќа од белгиски Хасроде Леувен каде имаше добра сезона, додека Илиев се враќа дома по една сезона мината на Кипар во екипата на Анагениси.
Струмица под водство на тренерот Кире Ричлиев веќе ги започна подготовките за новата сезона во која ги очекуваат и натпреварите против Олимпијакос во 1. коло од Лигата на шампионите на ЦЕВ.